На граничниот премин Табановце попладнево е приведен Драган Даравелски, поранешниот директор на Царина кој беше на чело на управата од 1999 до 2002 година, а се бараше по меѓународна потерница.
„На Граничниот премин Табановце денеска е приведен Д.Д., кој се бараше со меѓународна потерница и ќе биде пренесен во надлежната казнено поправна установа“, информираат од МВР.
Видете и ова: Неуспешни екстрадиции - слаби докази и политички интересиДаравелски беше осуден со правосилна судска пресуда за проневера на 2,5 милиони евра, додека беше директор на Царинската управа, во време кога премиер беше Љубчо Георгиевски. Веднаш по промената на власта започна истрага против него и беа поднесени повеќе кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластување, при што беше отворена истражна постапка.
Тој во меѓувреме замина за Србија, па беше осуден во отсуство на 7 години затвор и беше наредена конфискација на негов имот во вредност на штетата што ја направил на државата.
Во 2016 година Даравелски помина извесно време во екстрадициски притвор во Белград, но во меѓувреме стана државјанин на Србија и не беше испорачан во Македонија.