НАТО и ЕУ потпишаа декларација за поблиска соработка

Официјални лица од Европската унија и НАТО се согласија да ја „зајакнат“ нивната соработка за безбедност и поддршка на Украина додека се бори да ја одбие руската инвазија. Заедничката декларација за соработка НАТО-ЕУ, потпишана денеска во Брисел, има за цел да ја подобри соработката и да ја заштити критичната инфраструктура, како и да одговори на безбедносните импликации предизвикани од климатските промени, странското мешање и кампањите за дезинформација, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг.

Шефот на НАТО предупредува да не се потценува Русија

„Мораме да продолжиме да го зајакнуваме партнерството меѓу НАТО и Европската унија и мора дополнително да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина. Претседателот на Русија Владимир Путин сакаше да ја земе Украина за неколку дена и да не подели. И по двете точки, тој очигледно не успеа“, додаде тој. Откако Москва ја започна својата неиспровоцирана инвазија врз Украина во февруари минатата година, западниот безбедносен сојуз и ЕУ вложија милијарди долари во Украина за да ги поддржат напорите на Киев да ја одбрани земјата. Инвазијата предизвика пошироки безбедносни грижи ширум Европа, притискајќи ги Финска и Шведска да брзаат да му се приклучат на НАТО. „Ние сме решени да го подигнеме партнерството меѓу НАТО и ЕУ на следното ниво“, рече Столтенберг.


Патрушев: конфликтот во Украина е воена конфронтација меѓу Русија и НАТО

Претходно денеска, еден од најблиските сојузници на Путин, секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев оцени дека битката не е меѓу Киев и Москва, туку меѓу Москва и Западот кој се обидува да ја распарчи Русија и да ја „избрише“ од политичката карта на светот.