Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение против кардиохирургот Жан Митрев и неговата болница Филип Втори, за кривично дело „измама”. За ова дело е предвидена казна затвор од една до 10 години. За Митрев е поднесен обвинителен акт, а за правното лице, болницата, кое може да се казни само парично, поднесен е обвинителен предлог. Лицата биле држени во заблуда, со прикривање факти во однос на лекувањето на пациенти, велат од обвинителството. Оваа истрага беше отворена по допрен глас, по прилогот на ИРЛ.
Судот го одби Жан Митрев, темата „Нечиста крв“ е од јавен интерес
Митрев се товари дека со прикривање факти, ги донел во заблуда пациентите болни од ковид дека хемофилтрацијата лечи од ковид-19, односно дека ги лекува тешко болните пациенти со компликации. Во светот се применува хемофилтрација, но никако како алтернативен метод на лекување, како што според обвинителството, ги доведувал во заблуда Митрев, со цел да стекне противправна имотна корист. Материјална штета т.е. износот на земените пари за хемофилтрација што ја утврдила истрагата, е 97,5 милиони денари. Односно, ако биде осуден, Митрев без материјалната штета што би ја барале оштетените пациенти или нивните семејства во граѓанска постапка, треба да плати 1,6 милиони евра.