Патрушев: конфликтот во Украина е воена конфронтација меѓу Русија и НАТО

Секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев

Секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев, близок соработник на претседателот Владимир Путин, денеска изјави дека конфликтот во Украина е воена конфронтација меѓу Русија и НАТО. „Настаните во Украина не се судир меѓу Москва и Киев - ова е воена конфронтација меѓу Русија и НАТО, а пред се САД и Британија“, изјави секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев. Тој оцени и дека Западот се обидува да ја расцепи Русија и има за цел да ја избрише од политичката карта на светот. „Соочени со воените закани кои се појавуваат, за нас е важно да имаме такви вооружени сили и специјални служби, така што руските противници дури и да не помислат дека можат да се борат со нас“, изјави Патрушев за весникот „Аргументи и факти“.

Патрушев: НАТО воено и помага на Украина и се обидува да ги префрли борбите во Русија

Патрушев, поранешен советски шпион кој го познава Путин од 1970-тите, е тврд сојузник и се смета за еден од ретките луѓе кои можат да влијаат врз рускиот претседател. Руската инвазија врз Украина на 24 февруари го предизвика еден од најсмртоносните европски конфликти по Втората светска војна и најголемата конфронтација меѓу Москва и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година.