Политика, факели, бесилки...
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денеска во телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски ја пренесе поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина, соопшти владината прес-служба.
БИХ - На мостот Мехмед Паша Соколовиќ во градот Вишеград, каде што илјадници бошњачки цивили беа убиени за време на војната во 1990-тите, денеска беше организирано палење на факли, на празник кој се слави како Ден на Република Српска (РС) и покрај фактот што беше прогласен за неуставен. Факелијадата во Вишеград кој се наоѓа на истокот на Босна и Херцеговина, го организираа навивачите на белградскиот клуб „Црвена звезда“ од Вишеград.
БРАЗИЛ - Бразилските безбедносни сили уапсија околу 1.200 луѓе поради упадот на приврзаниците на поранешниот претседател Жаир Болсонаро во Конгресот, Врховниот суд и во претседателската палата во Бразилија, јавува Би-би-си.
ИРАН - Уште тројца ирански демонстранти се осудени на смрт, со што бројот на лица осудени на таква казна се искачи на 17 во врска со протестите предизвикани од смртта во притвор на Махса Амини по нејзиното апсење од полицијата за морал во Техеран за наводно кршење на законот за хиџаб.
РУСИЈА - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги демантираше гласините за можен втор бран на мобилизација во Русија.
„Примарниот извор на информации се властите на чело со претседателот на Руската Федерација. Не треба да обрнуваме толку внимание на каналите на Телеграм“, им рече Песков на новинарите.
УКРАИНА - Украина соопшти дека продолжува да ги одбива нападите на руските сили, предводени од платеничката група Вагнер, во источните градови Бахмут и Соледар, додека Киев предупредува дека Москва се подготвува за уште една голема офанзива во наредните недели.
МАКЕДОНИЈА - За една година трошоците за живот се зголемиле за 14,2 отсто, додека цените на мало пораснале за 12,6 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Мало намалување на цените има споредено со минатиот месец декември, кога трошоците на животот биле повисоки за 0.2 проценти, а цените на мало се зголемиле за 0.7 отсто.
МАКЕДОНИЈА - Борбата против корупцијата ќе остане приоритет за Вашингтон и ќе покрене неколку прашања за време на посетата на советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, следната недела, порача денеска амбасадорката на Соединетите Држави во Македонија, Анџела Агелер.
ПАКИСТАН - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска повика на голема поддршка од донаторите да му помогнат на Пакистан во напорите за обнова од разорните поплави кои се очекува да чинат повеќе од 16 милијарди долари.