НАТО и Европската унија вложуваат интензивни напори за намалување на тензиите на северот на Косово, а на тој пат мисиите КФОР и ЕУЛЕКС се клучни во нивната поддршка, кои помогнаа целосно да се врати слободата на движење низ Косово.
Ова беше оценето на денешната средба во Брисел на специјалните претставници на Европската унија и САД за Западен Балкан, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, со високиот функционер на НАТО Мирчеа Џоан, на тема односите меѓу Белград и Приштина.
Заменик-генералниот секретар Џоан истакна дека КФОР е внимателен, дека ја следи ситуацијата и дека ќе го спроведе својот мандат за доброто на сите заедници кои живеат на Косово, соопшти НАТО.
„Ова придонесува за безбедноста на Косово и стабилноста во целиот регион. НАТО продолжува да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, како главна платформа за градење постојан мир и безбедност во целиот регион и ги насочува сите напори кон подобрување на европската и евроатлантската интеграција на Западен Балкан“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Белград ќе бара дополнителни гаранции за безбедноста на Србите на КосовоПоследните тензии на Косово избувнаа кога дваесетина дена пред Нова година беа поставени барикади од групи локални Срби на северот на Косово поради апсењето на поранешен припадник на косовската полиција од српската заедница.
Претходно, локалните Срби ги напуштија косовските институции на север, како спротивставување на одлуката на Приштина да ги замени регистарските таблички издадени од Србија за косовските градови.
Видете и ова: Курти бара посилен притисок врз Белград со цел да се постигне договорИако во меѓувреме беше постигнат договор за табличките меѓу Белград и Приштина, за да се вратат во институциите, Србите бараат формирање на Заедница на српски општини (ЗСО).
ЗСО беше договорено со Бриселскиот договор од 2013 година, но до денес не е формирана.
Уставниот суд на Косово утврди дека принципите на формирање на Заедницата не се целосно усогласени со духот на Уставот бидејќи тој не се заснова на мултиетничност.