Уште тројца ирански демонстранти се осудени на смрт, со што бројот на лица осудени на таква казна се искачи на 17 во врска со протестите предизвикани од смртта во притвор на Махса Амини по нејзиното апсење од полицијата за морал во Техеран за наводно кршење на законот за хиџаб.
Салех Мирхашеми, Маџид Каземи и Јагоб Кордсофла беа осудени за „водење војна против Бог“ за нивна наводна улога во смрт на тројца членови на милицијата „Басиџ“ за време на протестите во централниот ирански град Исфахан, беше објавено денеска на веб-страницата на судството Мизан онлајн.
Иранскиот професионален фудбалер Амир Наср-Азадани е уште еден од обвинетите во случајот и е осуден на 16 години затвор под обвинение за „помагање во водење војна против Бога“.
Наср-Азадани се соочи со можност за смртна казна. Неговиот случај предизвика силна реакција од меѓународната фудбалска заедница, вклучително и соопштение од глобалниот синдикат на професионални фудбалери ФИФПРО, дека е „шокиран и згрозен“ од ситуацијата затоа што играчот се соочил со таква казна поради кампањата за правата на жените и основните слободи во сопствената земја.
Соочени со масовните протести низ земјата по смртта на Амини во средината на септември, иранските власти предупредија на построги казни за учесниците во немирите.
Четворица од осудените беа егзекутирани, вклучително двајца во текот на викендот, додека на двајца други, Мохамад Гобадлу и Мохамад Брогани, врховниот суд во земјата им ги потврди казните.
Во раните утрински часови на 9 јануари, по извештајот за претстојната егзекуција на Гобадлу и Брогани, стотици се собраа пред затворот Раџаи-Шахр во Карај извикувајќи антивладини слогани.
Протестите, нагласени од жени, па дури и ученички кои даваат поддршка, се сметаат за најголема закана за исламската влада од револуцијата во 1979 година.
Режимот ги обвини западните влади за немирите и одговори на протестите со крвава репресија за која според групите за човекови права, загинаа речиси 500 луѓе, а стотици други беа повредени.
Илјадници други се уапсени, вклучително и многу демонстранти, како и новинари, адвокати, активисти и други, поради загриженоста за обвиненијата против нив.