Гир: Времето до изборите во 2024 година да се искористи за суштински реформи

Eвроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир

За Северна Македонија фокусот во 2023 година мора да биде на реформи. Реформи кои пред се и над се ќе бидат на барање на граѓаните и на нивните интереси. Времето отсега до изборите во 2024 година треба да се искористи токму затоа, да се турнат напред оние толку потребни реформи за кои сите знаеме кои се и што е потребно да се направи. Ова го порача евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, на кој шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Јаин ги претстави приоритетите на претседавањето на нејзината држава со Советот на ЕУ. Гир подвлече дека 2023 година ќе биде решавачка за ЕУ, за Западен Балкан и Северна Македонија. „Главен приоритет треба да биде и борбата против организираниот криминал и корупција. Таа борба треба да има дополнителна енергија бидејќи ЕУ од блиску ќе го следи развојот на настаните во овој дел“, истакна Гир.

Гир: Преку државните институции да се бориме со корупцијата

Тој нагласи дека опозицијата истовремено треба да ја одигра својата улога во ревидирање на политиките и осигурување на конзистентност на законските текстови со европското законодавство. Евроамбасадорот нагласи дека да се стане членка на ЕУ не се губи националниот идентитет. „Уште еднаш дозволете да појаснам дека да се стане член на ЕУ на никој начин не го одзема вашиот јазик или националниот идентитет. Неодамна потпишаниот договор со ФРОНТЕКС е доказ за тоа. Носи сигурност и безбедност за вашите граници, но истовремено и првиот договор помеѓу Северна Македонија и ЕУ потпишан и преведен на македонски јазик и на сите други 24 јазици на ЕУ при што сите јазични варијанти се еднакво важечки. Да, тешко е, но ситуацијата може да се разреши и повеќе држави од регионот покажаа дека такво нешто е можно. И бидете сигурни дека ЕУ ќе стои цврсто до Северна Македонија до секој чекор од нејзиниот пат до ЕУ. Ќе се справуваме со сите можни предизвици на тој пат заедно, подвлече Гир.