Украина соопшти дека нејзините сили одбиваат постојани руски напади на исток

Бахмут

Украинските сили ги одбиваат постојаните руски напади врз Бахмут и другите градови во источниот регион Донбас, соопштија денеска украинските власти, откако ги негираа тврдењата на Кремљ за 600 загинати војници во ракетен напад. Во дневниот извештај Генералштабот на вооружените сили на Украина, се прецизира дека украинските сили одбиле напади врз 14 населени места, вклучувајќи го и Бахмут. „Бахмут се држи и покрај сè“, рече претседателот Володимир Зеленски во своето редовно ноќно обраќање, додавајќи: „И покрај тоа што поголемиот дел од градот е уништен од руските напади, нашите војници ги одбиваат постојаните руски обиди за напредување“. Ројтерс не беше во можност самостојно да ги потврди извештаите на бојното поле.

Повеќе од 110 илјади Руси загинале во Украина, тврди украинската армија

Зеленски повторно го осуди, како што го нарече, неуспехот на Русија да го почитува примирјето што го прогласи за православниот Божиќ со напади врз украинските градови. Во неделата Русија соопшти дека во ракетен напад врз Краматорск, северозападно од Бахмут, загинале 600 украински војници, но новинарот на Ројтерс на местото на настанот не нашол очигледни знаци за жртви.