Бразилските безбедносни сили почнаа голема операција откако стотици приврзаници на поранешниот претседател Жаир Болсонаро упаднаа во Конгресот, Претседателската палата и во Врховниот суд. Претседателот Луиз Инасио Лула да Силва оцени дека се работи за „фашистички“ напад.
По неколкучасовниот хаос уследи масовна операција за истерување на демонстрантите од државните институции, а безбедносните сили ја употребија коњичката единица за немири, водени топови и бомби со солзавец испукани од хеликоптери за да ги запрат демонстрантите.
Лула, кој беше службено во југоисточниот град Араракуара, во посета на регионот погоден од тешките поплави, потпиша декрет со кој се прогласува федерална интервенција во Бразилија, давајќи ѝ на својата влада посебни овластувања да воспостави ред и закон во главниот град.
Националната гарда потоа влезе во градот и го затвори центарот на Бразилија на 24 часа.
Бразилскиот претседател Лула да Силва порача дека сторителите ќе бидат пронајдени и казнети, откако приврзаници на поранешниот претседател на државата, екстремниот десничар Жаир Болсонаро упаднаа во државните институции.
Бразилските безбедносни сили повторно ја презедоа контролата врз зградата на националниот Конгрес, објави агенцијата Франс прес.
Продолжуваат операциите за отстранување на демонстрантите од седиштето на Врховниот суд и претседателската палата Планалто. Си Ен Ен објави снимки на кои се гледа како полицијата приведува десетици демонстранти пред претседателската палата.
Да Силва, попознат како Лула, рече дека „нема преседан во историјата на земјата“ за сцените видени во Конгресот и во Врховниот суд. Насилствата ги нарече „дела на вандали и фашисти“. Тој во моментов е на службен пат во државата Сао Паоло.
Претседателот ги обвинува безбедносните сили
„Полицијата не направи баш ништо. Само ги пушти демонстрантите внатре“, изјави Лула, критикувајќи ги безбедносните сили на Федералниот округ Бразилија.
„Имаше, јас би рекол, неспособност, зла волја или невнимание на луѓето кои се грижат за јавната безбедност во Округот. Не е прв пат. Ќе видите на сликите дека тие [полицајците] водат луѓе на прошетка до Плоштадот на трите власти (Praça dos Três Powers)“, рече претседателот.
„Ќе откриеме кои се финансиерите на овие вандали кои отидоа во Бразилија и сите ќе платат според законот“, додаде тој.
Дел од демонстрантите кршеа прозорци, додека други стигнаа до Сенатот, каде скокаа на седиштата и користеа клупи како тобогани.
Според фотографиите кои кружат на социјалните мрежи, демонстрантите направиле материјална штета, пренесува агенцијата Франс прес.
Драматичните сцени доаѓаат една недела по инаугурацијата на левичарскиот ветеран Луис Инасио Лула да Силва, кој победи на претседателските избори во октомври против досегашниот претседател Жаир Болсонаро.
Кампувањето прерасна во немири
Демонстрантите, кои ги искршија стаклата на зградата, кампувале во близина, јавува Би-Би-Си. Многу од нив поставија шатори во градовите низ Бразил, а дел од тие шатори се подигнати и пред воените касарни.
Видете и ова: Светските лидери му ја честитаат изборната победа на Лула да СилваСе чинеше дека со инаугурацијата на Лула е спречено нивното движење, шаторите беа демонтирани и немаше немири на денот кога тој положи заклетва. Но, сцените од неделата покажаа дека тие предвидувања се предвремени, јавува Би-Би-Си.
Министерот за правда и јавна безбедност Флавио Дино ја нарече инвазијата „апсурден обид да се наметне волјата на [демонстрантите] со сила“.
„Тоа нема да надвладее“, напиша тој на Твитер.
Поддржувачите на Болсонаро бараат воена интервенција и оставка на Да Силва, од кого тој изгуби на изборите во октомври.
Поддршка за Да Силва од Вашингтон и Брисел
Советникот за национална безбедност во Белата куќа Џејк Саливан го осуди нападот врз владините згради во Бразилија и рече дека претседателот Џо Бајден ја следи состојбата.
„Соединетите Американски Држави го осудуваат секој напор да се подрива демократијата во Бразил. Претседателот Бајден внимателно ја следи ситуацијата и нашата поддршка за бразилските демократски институции е непоколеблива“, напиша тој на Твитер.
Лидерите на Европската унија (ЕУ) исто така го осудија упадот.
„Моја апсолутна осуда на нападот врз демократските институции на Бразил“, напиша претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Твитер.
„Целосна поддршка за претседателот Да Силва, демократски избран од страна на милиони Бразилци преки чесни и слободни избори“, додаде тој.
Високиот претставник на Унијата за надворешна политика Жозеп Борел рече дека е „запрепастен од актите на насилство и нелегалната окупација“ која ја извеле „насилни екстремисти“ во главниот град на Бразил, Бразилија.
„Целосна поддршка за претседателот Лула Да Силва и неговата влада, Конгресот и Федералниот врховен суд. Бразилската демократија ќе надвладее над насилството и екстремизмот“, напиша Борел на Твитер.
„Местото за решавање на политичките разлики е во бразилските демократски институции, а не преку насилство на улиците“, додаде тој.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на Твитер на португалски јазик напиша: „Длабоко зум загрижена поради она што се случува во Бразил. Демократијата секогаш мора да се почитува“.
Лидерите од Латинска Америка го осудија насилството
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор го осуди „недемократскиот обид за државен удар на конзервативците во Бразил, поттикнат од лидерите на олигархиската моќ, нивните гласноговорници и фанатици“.
„Лула не е сам, тој има поддршка од прогресивните сили во неговата земја, Мексико, американскиот континент и светот“, напиша Лопез Обрадор на Твитер.
Чилеанскиот претседател Габриел Борич рече дека Бразил има „целосна поддршка во соочувањето со овој кукавички и гнасен напад врз демократијата“.
Колумбискиот претседател Густаво Петро рече дека „фашизмот одлучил да изврши државен удар“, додека мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард рече дека Мексико изразува „целосна поддршка за народно избраната администрација на претседателот Лула“.
Лула тесно победи на претседателските избори во октомври во вториот круг, освојувајќи 50,9 отсто од гласовите, наспроти 49,1 отсто колку што освои Болсонаро.
Во својот инаугуративен говор, тој вети дека ќе ја обнови земјата која се наоѓа во „страшни урнатини“. Тој ја осуди политиката на неговиот претходник, кој отиде во САД за да ја избегне церемонијата на предавање на власта.
Настани слични на упадот во Капитолот во Вашингтон
Сцените во Бразилија личат на случувањата во американскиот Капитол на 6 јануари 2021, кога таму упаднаа приврзаници на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, а постојат и подлабоки врски, наведува Би Би Си.
Трамп и некои од неговите клучни сојузници кои шират гласини за изборна измама и дезинформации околу американските претседателски избори од 2020 година имаат врска со Болсонаро.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Синот на Болсонаро, Едуардо, во ноември се сретна со Трамп, а разговараше и со неговите советници Џејсон Милер и Стив Банон, објавија Вашингтон пост и други медиуми.
Банон посвети неколку епизоди од својот подкаст со тврдења за изборна измама и го промовираше хаштагот #BrazilianSpring (Бразилска пролет), очигледен обид за поттикнување масовна мобилизација против претседателот Лула.
Приврзаниците на Болсонаро на социјалните мрежи агитираат за егзистенцијална национална криза и наводно „комунистичко преземање на власта“, слична реторика која ги поттикна демонстрантите кои упаднаа во американскиот Капитол пред две години.