Белград ќе бара дополнителни гаранции за безбедноста на Србите на Косово, по одлуката на КФОР да го одбие барањето на српската влада за враќање на дел од српските безбедносни сили во Косово.
Тоа го најави денеска премиерката Ана Брнабиќ, оценувајќи дека за карактерот на одговорот на КФОР „многу“ зборува и тоа што беше испратен на Бадник, после нападот врз тројца српски момчиња во Косово.
„Добредојдена е поддршката на албанските, холандските, германските, американските и сите сили, само не е добредојдена поддршката од српските безбедносни сили. Мене тоа не ми е логично и е спротивно на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави Брнабиќ во Дубаи, каде што се наоѓа во официјална посета.
Видете и ова: Вучиќ – КФОР го отфрли барањето за враќање на српските сили на КосовоТаа оцени дека ставот на мисијата на КФОР за безбедноста на Косово е едно, а реалноста на теренот е нешто друго.
„Реалноста е не само дека Србите на Косово и Метохија не се чувствуваат безбедно, туку дека не се безбедни. На Бадник беа нападнати три момчиња, а тоа е само последниот во низата инциденти, кои во изминатите две години ги имаше над 300 и никој не одговараше за нив“, рече Брнабиќ, пренесува РТС.
Таа најави дека Белград ќе продолжи да инсистира на почитување на Резолуцијата 1244 и останатите договори, првенствено Бриселскиот, и тоа во делот кој се однесува на формирањето на Заедницата на српски општини.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно соопшти дека КФОР го одбиле барањето за враќање на 1000 припадници на српските безбедносни сили на Косово.
Тензиите меѓу Србите и косовските власти се зголемени во изминатиот период. Две српски момчиња на Бадник беа ранети во Штрпце од Албанец. Осомничениот е уапсен.
Денеска во Штрпце, Србите организираа протест.
Претходно, во декември Србите ги блокираа патиштата во четири општини во северно Косово каде што се мнозинство.