Повеќе од 110 илјади Руси загинале во Украина, тврди украинската армија

Украински војници на фронтот

Во Украина се убиени 111.170 руски воени лица откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари минатата година. Украинскиот Генералштаб во својот извештај на 8 јануари соопшти дека претходниот ден биле убиени уште 430 руски војници.

Во редовното ажурирање на украинските сили, кое обично е повисоко од западните проценки, исто така се наведува дека Русија изгубила уште три тенкови и уште три артилериски системи.

„Руските сили продолжија да гаѓаат цивилни цели во Украина во текот на изминатиот ден, и покрај тоа што рускиот претседател Владимир Путин објави прекин на огнот за православен Божиќ“, соопштија денеска украинските власти.

Украинските власти соопштија дека најмалку две лица загинале, а девет други биле ранети во руските напади во изминатите 24 часа. Жртви се пријавени од источниот регион Доњецк, североисточниот регион Харкив и јужниот регион Херсон, рекоа тие.

Видете и ова: Зеленски за американската воена помош – Прекрасен божиќен подарок

Во Запорожје во југоисточна Украина, локалните власти тврдат дека руските сили во текот на ноќта употребиле „касетна муниција“.

Во соопштението на Министерството за одбрана на Украина се вели дека руските сили лансирале девет проектили, извеле три воздушни напади и 40 напади од повеќе ракетни фрлачи.

„Особено е погодена цивилната инфраструктура“, се додава во соопштението.