Шоле наредната недела во Скопје, Приштина и Белград

Вишиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле

Вишиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле на 11 јануари ќе ги посети Скопје и Приштина, а ден подоцна и Белград, во рамки на посетата чија цел е да ја нагласи трајната посветеност на Соединетите Американски Држави (САД) на мирот, стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан, соопшти Стејт департментот.

Со македонските власти во Скопје, Шоле ќе се разговара за низа прашања, меѓу кои енергијата, економијата и борбата против корупцијата.

Видете и ова: Одложена посетата на Шоле и Ескобар на Скопје

За време на посетата на Приштина, со претставниците на Косовската влада, но и со другите политички лидери и со граѓанското општество ќе разговара за „напорите на САД да помогнат во унапредување на евроатлантските интеграции на Косово“, како и за дијалогот кој го води Европската унија (ЕУ) за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите Белград – Приштина, „фокусиран на меѓусебно признавање“.

Дерек Шоле во Белград ќе разговара за енергетската сигурност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија во поглед на пристапувањето кон ЕУ.

Во соопштението се додава дека Шоле ќе разговара за улогата на Србија за зајакнување на регионалниот мир и сигурност и нејзиниот континуиран ангажман во дијалогот со Приштина.

Посетата на Шоле на регионот ќе трае од 11 до 13 јануари.