Илјадници излегоа на курдскиот марш во Париз

Неколку илјади луѓе од цела Европа се собраа во Париз, каде што им оддадоа почест на курдските активистки убиени во 2013 година, објавија агенцијата Франс прес.

Годишниот марш, кој од 2013 година ја собира курдската заедница, е одржан две недели по убиството на тројца Курди во Париз. Нив, на 23 декември ги уби 69-годишен пензионер, кој ѝ кажал на полицијата дека има патолошка омраза кон странци.

Видете и ова: Протести по Париз по вооружениот напад на курдски центар

Демонстрантите носеа плакат со натпис „Турската држава повторно масакрира тројца Курди во Париз“.

Организаторите наведуваат дека се собрале околу 25 илјади луѓе.
Курдските активистки Сакин Кансиз (54), Фидан Доган (28) и Лејла Сајлемез (24) беа убиени ноќта меѓу 9 и 10 јануари 2013 година во курдскиот центар во Париз.

Осомничениот за трикратното убиство Омер Гунеј набрзо беше уапсен, но умре кон крајот на 2016 година, неколку седмици пред почетокот на судењето.

Француското правосудство ја продолжи истрагата, а имаше индиции дека во убиството била вмешана турската разузнавачка служба, но Анкара го негираше тоа.