Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оцени дека уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав се предавство.
„Тоа не е обединување, тоа е предавство и тоа требаше некој да го мисли пред да го договара. Ние не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните промена на Устав, не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните потпишување капитулација и предавство. Тој што тоа го потпишуваше треба да знае дека нема услови да го испорача. Тоа е токму еден од тие моменти кои внесуваат раздор меѓу македонскиот народ. Но, македонскиот народ е мудар и ако ги погледнете сите мерења на јавното мислење, ќе видите дека огромно мнозинство, повеќе од три четвртини, се противи на таквиот чин“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Трошановски: Уставните измени најголем предизвик во 2023-таВнесувањето на Бугарите во Уставот е услов за продолжување на евроинтеграциите.
Одговорајќи на новинарски прашања по централната свечена божествена литургија за Божиќ во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, Мицкоски рече дека очекува кон крајот на јануари или најдоцна во почетокот на февруари да се изгласа распуштање на Парламентот, во средината на февруари да се формира техничка влада, а изборите да се одржат во втората половина на мај.
Без да каже конкретни имиња, тој оцени дека „огромно мнозинство од пратениците на СДСМ и ДУИ рефлектираат позиција дека сакаат да има предвремени избори и да дојде крајот на оваа Влада“.
Тој претходно им го честиташе Божиќ на сите православни христијани, посакувајќи им мир, љубов, здравје, среќа и меѓусебно почитување.
СДСМ се противи на предвремени избори и инсистира дека тие треба да се одржат во редовниот термин во 2024 година.