ЕУ го осуди нападот кај Штрпце и повика на истрага, напаѓачот уапсен

Илустрација

Европската унија (ЕУ) остро го осуди вооружениот напад кај Штрпце и повика на истрага, соопшти денеска портпаролот на ЕУ Петер Стано.

„ЕУ остро го осудува вооружениот напад врз дете и момче во петокот во Косово. Важно е власта целосно да го истражи тоа грозно злосторство и правдата да биде задоволена“, напиша Стано на Твитер и додаде дека на ранетите им посакува брзо опоравување.

Во селото Драјковце кај Штрпце во Косово вчера со огнено оружје од возило до движење беа нападнати момче од 21 година и дете од 11 година од српска националност. Едниот бил ранет во раката, а другиот во рамото.

Видете и ова: Две лица се ранети кај Штрпце - напаѓачот е уапсен

По укажаната прва помош во Центарот за семејна медицина во Штрпце тие биле префрлени на понатамошно лекување во болница во Грачаница и се надвор од животна опасност.

Директорот на Канцеларијата на Владата за Србија за Косово и Метохија Петар Петковиќ денеска рече дека 11-годишниот Стефан Стојановиќ и понатаму е во болницата во Грачаница, додека 21-годишниот Милош Стојановиќ е пуштен на домашно лекување.

Косовската полиција синоќа соопшти дека е уапсен 33-годишен маж, осомничен дека пукал и повредил две деца во близина на Штрпце.

Министерството за одбрана на Косово соопшти дека приведениот е припадник на косовските безбедносни сили.

Нападот го осудија косовските власти, некои амбасади, како и мисијата на ОБСЕ.