Мекарти избран за претседател на американскиот Претставнички дом во 15-тиот обид

Републиканецот Кевин Мекарти од Калифорнија е избран за претседател на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес

Републиканецот Кевин Мекарти од Калифорнија е избран за претседател на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес по жестоки расправи кои скоро доведоа до судир меѓу колегите републиканци.

Мекарти конечно беше избран на функцијата по 15 круга гласање, и покрај тоа што неговата партија има мнозинство во Домот. Против неговиот избор беа припадници на тврдото крило во Републиканската партија. За да биде избран, тој мораше да направи отстапки и да прифати само еден пратеник да може да побара гласање за доверба.

Мекарти беше избран со тенко мнозинство од 216 пратеници за и 212 против. Тој освои помалку од половина од гласовите, но беше избран затоа што шестмина републикански пратеници се воздржаа од гласање и не гласаа против него.

Видете и ова: Претставничкиот дом на американскиот Конгрес се уште без претседател

До изборот дојде по драматичната кампања со притисок, која во живо се одвиваше во Претставничкиот дом, додека бунтовникот од редовите на републиканците Мет Гаец беше поттикнуван да гласа за Мекарти.

Конгресменот Гаец од Флорида беше меѓу шестемина кои вчера попуштија.

Претходно, во вжештена сцена во салата, Гаец скоро се степа со претставникот Мајк Роџерс од Алабама, приврзаник на Мекарти. Колегите мораше да го смируваат Роџерс додека викаше и го боцкаше Мекарти со прст.

Претседателот го утврдува дневниот ред на Домот и ги надгледува законодавните работи. Ова место е второ во низата за местото претседател по потпретседателот на САД.

По изборот, Мекарти на Твитер напиша: „Се надевам дека една работа ќе биде јасна по оваа седмица: никогаш нема да се откажат. И никогаш нема да се откажам за вас, американски народе“.

Со ова заврши најголемата дисфункција во Конгресот во изминатите 160 години.

Видете и ова: Шести пат Мекарти отфрлен за шеф на Претставничкиот дом на Конгресот на САД

Американскиот претседател Џо Бајден му честиташе на Мекарти и го повика „одговорно да владее во интерес на Американците“.

„Спремен сум да соработувам со републиканците кога тоа е можно, а гласачите јасно ставија до знаење дека очекуваат републиканците да бидат спремни да работат со мене“, рече Бајден, кој е демократ.