Мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР) го заврши отстранувањето на последните неколку возила што ги блокираа патиштата во северно Косово, објави НАТО на 5 јануари.
Ова беше спроведено во согласност со мандатот на ОН на КФОР, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година - да се обезбеди безбедна средина и слобода на движење за доброто на сите заедници кои живеат на Косово, се наведува во соопштението.
Се додава дека отстранувањето на последните барикади следело по интензивните напори на сојузниците на НАТО и на Европската унија (ЕУ) за намалување на тензиите, со клучна поддршка од КФОР и Мисијата за владеење на правото (ЕУЛЕКС) предводена од ЕУ.
Демонтирањето на последните барикади е извршено на брз и безбеден начин, со цел да се избегнат инциденти и други ризици за локалната безбедност, велат од НАТО.
НАТО: Во моментов имаме доволно присуство на Косово
КФОР останува исклучително буден и има способност и персонал да продолжи да го спроведува својот мандат на ОН целосно и на дневна основа, придонесувајќи за безбедноста на Косово и стабилноста во целиот регион на Западен Балкан, се вели во соопштението.
Додаваат и дека НАТО продолжува да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, како главна платформа за изнаоѓање решение кое ги почитува правата на сите заедници и за градење траен мир и безбедност во целиот регион.
Србите од Косово на 10 декември почнаа да поставуваат барикади на северот на Косово по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, кого косовските власти го сомничат за напад врз членовите на Централната изборна комисија и почнаа да ги отстрануваат барикадите на 29 декември.