НАТО: Во моментов имаме доволно присуство на Косово

Илустрација

НАТО соопшти дека не добиле официјално барање од Косово за зголемување на бројот на војници во мировната мисија КФОР, која ја предводи.

Официјален претставник на НАТО за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека КФОР во моментов ги има потребните капацитети да обезбеди безбедност и слободно движење за сите граѓани, врз основа на неговиот мандат.

„КФОР останува целосно способен да ја исполни својата мисија во согласност со мандатот поставен од Обединетите нации“, рече претставникот на НАТО.

КФОР: отстранување на возилата оставени на патиштата по блокадите на северот на Косово

Ваквиот став следи по повикот на косовскиот премиер Албин Курти, кој побара НАТО да го зголеми бројот на мировните трупи на Косово, по неодамнешните тензии со Србија.

„Значајното зголемување на бројот на војници и воена опрема на НАТО во нашата земја ќе ја подобри безбедноста и мирот во Косово и во целиот регион на Западен Балкан“, изјави Курти за германскиот весник „Ди Велт“ на 1 јануари.

На прашањето дали НАТО ќе го разгледа можното официјално барање на Владата на Косово за зголемување на капацитетот, претставникот на НАТО рече дека „секоја промена во присуството на НАТО се заснова на одредени околности и услови“.

„Трупите на КФОР внимателно ја следат ситуацијата на теренот и се целосно подготвени да интервенираат доколку се загрозени стабилноста, безбедноста и слободата на движење“, изјави официјален претставник на НАТО за РСЕ.

Тој додава дека НАТО со децении е посветен на стабилноста на Западен Балкан и дека мисијата КФОР, со речиси 4.000 војници, е „најопипливата демонстрација на оваа посветеност“.

Силите на мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, беа распоредени на Косово по завршувањето на војната во 1999 година со цел да се гарантира безбедноста.