„Анонимуси“ ја презедоа одговорноста за соборувањето на веб-страницата на српската војска

Илустрација

Неформалната меѓународна хакерска група „Анонимуси“ ја презеде одговорноста за падот на веб-страницата на војската на Србија, откако пред неколку дена испратија заканувачка порака и до српскиот претседател Александар Вучиќ.

Веб страницата на српската војска, која утринава беше соборена, веќе во текот на денот стана достапна за корисниците од Србија. Неколку часа пред тоа, профил под името „Анонимуси“ на Твитер информираше за падот на веб-страницата со предупредување до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да не ги потценува „Анонимуси“.

На профилот пишува дека ја нападнале и официјалната веб-страница на Вучиќ, иако оваа страница е во функција.

САД и ЕУ загрижени поради тензиите на северот на Косово

„Анонимуси“ и кон на крајот на минатиот месец објавија пораки со заканувачки тон кон Вучиќ, нарекувајќи го „марионета на Путин“ и нагласувајќи дека Србија е единствената земја која отворено соработува со Русија и ги одбива постојаните повици од Европа за воведување санкции.

„Ако не ги запрете опасните акции на Косово, народот на Косово нема да остане без поддршка“, му порача групата „Анонимуси“ на претседателот на Србија, наведувајќи дека тие се „глобално активни и дека не се група на беспомошни луѓе што лесно може да се игнорира“.

Неколку часа по објавувањето на видеото, Вучиќ се огласи преку социјалната мрежа Инстаграм. „Се подготвуваме да се бориме против Анонимуси“, напиша тој во описот на слика на која си игра со кучиња.

Хакерската група „Анонимуси“ е децентрализирана, нема формално раководство и нема официјална веб-страница или профил на социјалните мрежи. Групата тврди дека хакира од политички убедувања и активизам.