Железничко возило удри во комбе во Велес, повредени се најмалку десет лица

Полиција, лента, увид

Десет патници се повредени во сообраќајна несреќа што се случила денеска напладне на железничкиот премин кај фабриката „Порцеланка“ во Велес, откако железничко возило удрило во патничко комбе. Повредените патници се пренесени во Општата болница во Велес каде што им се укажува лекарска помош.

„Денеска во 12.01 часот во СВР Велес било пријавено дека на железничкиот премин кај фабриката Порцеланка во Велес се случила железничка незгода помеѓу железничко возило и такси возило – комбе „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на такси компанија од Чашка, а управувано од 52 годишниот Д.Ј. од Чашка. Во незгодата со повреди се здобиле 10 патници кои биле пренесени во Општа болница Велес за укажување лекарска помош. Увид извршила увидна екипа од СВР Велес“, информира Ристе Самарџиев портпарол на СВР Велес.

Прегазени мајка и ќерка на пешачки во Велес - возачот побегнал, девојчето починало

Од ЈП Македонски Железници Инфраструктура за МИА пак, велат дека нивното возило кочело колку што можело и давало сигнали за опасност, но патничкото возило не застанало.

„Возило сопственост на Инфраструктура се враќало од извршување работни задачи од станица во Богомила кон станица Велес, при што на патен премин Порцеленкна пред Велес удрило во задниот дел на патничко комбе, во кое се превезувале работници. Нашето возило кочело колку што му дозволувале техничките услови, неговиот запирен пат е околу 500 метри, дало сигнални знаци за опасност, но патничкото возило не застанало и поминало директно и било удрено на задниот дел“, изјави Никола Марков, помошник директор за сообраќај во МЖ Инфраструктура.

Увид на местото на несреќата вршат екипи на Комисијата за вонредни настани на ЈП МЖ Инфраструктура и на Министерството за внатрешни работи.