Советот за безбедност на Обединетите нации за денеска закажа итен состанок на барање на Палестинците кои протестираат поради посетата на израелскиот ултра-националистички министер Итамар Бен-Гвир на свето место во Ерусалим кое често е место на конфликти. Палестинскиот амбасадор во ОН побара и прекин на израелските провокации и почитување на историското статус кво на местото кое е свето и за муслиманите и за Евреите. Посетата на новиот израелски министер за национална безбедност на светилиштето, кое Евреите го нарекуваат Планина на храмот, а муслиманите го нарекуваат Харам ал-Шариф предизвика остри осуди низ муслиманскиот свет и опомена од Соединетите држави, како и страв од избувнување немири додека палестинските екстремистички организации се заканија дека ќе одговорат.
Израелски екстремно десничарски министер посети оспорувано свето место во Ерусалим
На Планината на храмот, каде некогаш стоеле древните еврејски храмови, сега се наоѓа џамијата Ал Акса, третата по важност во исламот. Израел го освои Источен Ерусалим, каде што се наоѓа храмот, во војната во 1967 година. На Евреите им е дозволено да го посетуваат, но не и да се молат таму. Бен-Гвир, познат по остри изјави против Палестинците и арапското малцинство во Израел, најави дека посетите ќе продолжат, а на заканите на исламскиот Хамас, кој владее со Појасот Газа, одговори дека израелската влада „нема да и се предаде на убиствена организација, гнасна терористичка организација“.