Политика, пари и кокошки
ЧЕШКА - Чешките власти ќе ги уништат сите 750.000 кокошки на една живинарска фарма поради најлошата епидемија на птичји грип досега. Птичјиот грип првпат беше откриен минатата недела на фармата, лоцирана на 150 километри западно од Прага, а властите во вторникот започнаа со подготовки за уништување до 220.000 птици, јавува новинската агенција Ројтерс.
ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон на украинскиот претседател Володимир Зеленски му ветил дека Франција ќе испрати лесни борбени возила AMX-10 RC за да му помогне на Киев во војната против Русија.
ЦРНА ГОРА - Парламентарното мнозинство во Црна Гора на прорускиот Демократски фронт, Демократите и движењето УРА на Дритан Абазовиќ не постигнаа договор за формирање на нова влада на чело со пратеникот Миодраг Лекиќ.
ИРАН - Иранскиот суд ослободил од притвор истакната актерка по речиси три недели откако беше затворена. Таа беше приведена затоа што изразила солидарност со маж кој беше погубен поради немири поврзани со антивладините протести. Станува збор за Таране Алидости, 38-годишната ѕвезда на оскаровецот „Продавач“ на Асгар Фархади. Таа беше пуштена на слобода со кауција. Информацијата за нејзиното ослободување ја објави нејзината мајка на социјанта мрежа Инстаграм.
ПОЛСКА - Полското Обвинителство покрена обвиненија против двајца мажи поради сомнеж дека шпионирале за руското воено разузнавање. Обвинети се еден државјанин на Белорусија и еден државјанин на Русија дека работеле за ГРУ руско воено разузнавање.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека испратил фрегата во Атлантскиот Океан вооружена со хиперсонични крстосувачки ракети Циркон. На видео-конференција со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и Игор Крохмал, командант на фрегата по име „Адмирал на флотата на Советскиот Сојуз Горшков“, Путин рече дека бродот е вооружен со хиперсонично оружје Циркон.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска, презентирајќи ги македонските приоритети како претседавач на ОБСЕ, најави дека негова прва посета во ова својство ќе биде во Киев во средина на јануари. Тој подвлече дека за Македонија како претседавач на ОБСЕ е важно што како мала земја во тежок период ја има првата мисија на ОБСЕ за да спречи конфликт.
ГЕРМАНИЈА - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска изјави дека Европската унија повеќе не може да си дозволи да ги блокираат одлуките од страна на одделни земји-членки. „Гласањето со квалификувано мнозинство може да доведе до поправедни резултати за сите нас“, рече Бербок на конференција во главниот град на Португалија, Лисабон, додавајќи: „Мора да бидеме способни да дејствуваме ефикасно и брзо“.
САД - Во првата половина на јануари, американскиот претседател Џо Бајден ќе му биде домаќин на јапонскиот премиер Фуми Кишида во Белата куќа, при што ќе се одржат економски и безбедносни консултации, објави Белата куќа. Прес секретарот на Белата куќа Карин Жан-Пјер синоќа изјави дека на состанокот на 13 јануари ќе се разговара и за нуклеарната и балистичка ракетна програма на Северна Кореја поради загриженоста за потенцијалот на земјата да изврши уште една нуклеарна проба. На дневен ред ќе бидат и економските теми, руската инвазија на Украина, климатските промени и стабилноста во Тајванскиот теснец.
ТУРЦИЈА - Хипотеки со пониски стапки и подолги рокови ќе им бидат понудени на Турците со средни приходи кои сакаат да купат нови станови, изјави денеска турскиот министер за финансии Нуредин Небати. Тој рече дека хипотекарните заеми со износ до 5 милиони лири (266.823 долари), ќе имаат рок на доспевање до 15 години и стапки ќе почнуваат од 0,69%.