Чешките власти ќе ги уништат сите 750.000 кокошки на една живинарска фарма поради најлошата епидемија на птичји грип досега. Птичјиот грип првпат беше откриен минатата недела на фармата, лоцирана на 150 километри западно од Прага, а властите во вторникот започнаа со подготовки за уништување до 220.000 птици, јавува новинската агенција Ројтерс.
Чешката државна ветеринарна управа соопшти дека дополнителното ширење на фармата ја навело да одлучи да ги уништи сите птици таму.
„И покрај преземените мерки и другите напори, не беше можно да се спречи ширењето на високозаразната живинарска болест во другите хали и ќе мора да се уништи целата фарма“, се вели во нивното соопштение.
Вирусот може да се пренесе на луѓето преку контакт со живина, но експертите велат дека ризикот по здравјето на луѓето е низок. Чешките власти побараа од живинарските фарми да ги задржат стадата во затворени простории од ноември, но бројот на случаите се зголемија во последните недели.
Птичјиот грип врши дополнителен притисок врз веќе високите цени на храната и предизвикува трговски ограничувања од земјите увозници на живина. Рекорден број на кокошки, мисирки и други птици угинаа во епидемии во САД и Европа, а вирусот се шири во Јужна Америка, Африка и Азија.