Парламентарното мнозинство во Црна Гора на прорускиот Демократски фронт, Демократите и движењето УРА на Дритан Абазовиќ не постигнаа договор за формирање на нова влада на чело со пратеникот Миодраг Лекиќ.
По средбата на претставниците на парламентарното мнозинство на 4 јануари, Лекиќ најави дека нема да има нова влада.
„Реков дека владата ќе биде сериозна или нема. Нема да има, а граѓаните нека протолкуваат кој бил сериозен“, рече Лекиќ по средбата на која се разговараше за составот на идната влада и датумот на кој требаше истата да биде избрана на седницата на Собранието. Лекиќ претходно најави дека новата влада ќе биде формирана до 20 јануари.
На 29 декември парламентарното мнозинство го прогласи Миодраг Лекиќ за мандатар, врз основа на контроверзните измени на Законот за претседател. Со тој закон парламентарното мнозинство се обиде да ја преземе надлежноста на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, бидејќи тој одби да и додели мандат за состав на Влада на Лекиќ.
САД и Европската Унија, постојано апелираа до парламентарното мнозинство да не се обидува да формира влада врз основа на Законот за претседателот и предупредија дека таквата влада ќе има сомнителен легитимитет.
И покрај тоа, Миодраг Лекиќ инсистираше да се формира Влада.
Видете и ова: Апели на претставници на ЕУ за повлекување на спорниот закон за претседател на Црна ГораЕден од лидерите на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ, по неуспешната средба изјави дека партиите кои ја сочинуваат актуелната техничка влада на Дритан Абазовиќ не се потпишале за закажување седница на која ќе се избира новата влада и шеф на парламентот.
„Не успеавме во она што го започнавме на 1 септември (по изборите во 2020 година). Со жалење констатирам дека вложивме многу енергија за да постигнеме договор“, рече Мандиќ.
Тој рече дека претседателката на Собранието Данијела Ѓуровиќ и претседателот на државата Мило Ѓукановиќ треба да се договорат за истовремено распишување претседателски и парламентарни избори.
Видете и ова: Ѓукановиќ ја обвини власта дека е неодговорна кон националните интереси и ја игнорира ЕвропаМандатот на Ѓукановиќ му истекува на пролет годинава. Партиите од парламентарното мнозинство во септември ја отфрлија иницијативата на претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ за распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори со образложение дека ќе формираат нова влада.