ЕУ ѝ нуди на Кина бесплатни вакцини, засега од Пекинг нема одговор

Илустративна фотографија.

Европската унија и понуди на Кина бесплатни вакцини против Ковид-19, соопшти денеска Брисел, додека вирусот се шири откако Пекинг ја олабави својата политика „нулта Ковид-19“.

Кина се уште не одговори на понудата, изјави портпаролот на Европската комисија на редовен брифинг за новинарите. Тој не го прецизираше количеството вакцини што ги нуди ЕУ или нивните производители.

„Со оглед на ситуацијата со Ковид во Кина, комесарката за (здравство) Стела Киријакидес се обрати до нејзините кинески колеги за да понуди солидарност и поддршка на ЕУ“, рече тој.

„Ова вклучува експертиза за јавно здравје, како и донации од вакцини“, додаде тој.

Видете и ова: Пекинг најавува контрамерки поради тестовите за Ковид за патниците од Кина

На прашањето дали Пекинг ќе ја прифати понудата на ЕУ, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг избегна директен одговор. Таа за Ројтерс изјави дека стапките на вакцинација и капацитетот за третман во Кина продолжуваат да растат и дека нејзините резерви се „соодветни“.

Таа рече дека Кина е отворена за „јакнење на солидарноста и соработката со меѓународната заедница“ за подобро да одговори на предизвиците на пандемијата, иако може „да ги исполни барањата на секој што сака да се вакцинира“.

Досега, Кина инсистираше на тоа дека само вакцините од кинеско производство, кои се од типот на инактивиран вирус и не се базираат на западната технологија мРНА, да се користат за сопствената популација.

Минатиот месец, Германија испрати им 11.500 БиоНТек вакцини против Ковид на германските компании и на локациите на амбасадите и конзулатите во Кина за германските граѓани таму.

Видете и ова: ЕУ ќе разговара за координиран одговор на ширењето на Ковид 19 во Кина

Извор запознаен со ситуацијата тогаш изјави дека во тек се дискусии со другите влади на Европската унија за испорака на вакцини на граѓани од друга националност.

Здравствените експерти на ЕУ требаше да се состанат денеска за да разговараат за ситуацијата со Ковид во земјите-членки пред вториот состанок во среда, кога претставниците на владите на ЕУ ќе го измерат координираниот пристап на блокот кон патниците од Кина.

Пекинг денеска го осуди воведувањето на задолжително тестирање за Ковид во десетина земји за патниците од Кина и предупреди дека може да воведе „контра мерки“.