Над 150.000 луѓе му оддадоа почит на Пеле

Фотографирање пред транспарент со ликот на Пеле во близина на стадионот Вила Белмиро каде што е изложено телото на бразилската фудбалска легенда на Сантос. Бразил, 2 јануари 2023 година.

Повеќе од 150.000 луѓе, меѓу кои и претседателот Луис Инасио Лула да Силва, му оддадоа почит на бразилскиот фудбалски великан Пеле во крајбрежниот град Сантос, минувајќи покрај неговиот отворен ковчег на стадионот Вила Белмиро, пренесува Ројтерс.

24-часовната комеморација за Пеле, кој почина минатата недела на 82-годишна возраст по едногодишна борба со ракот на дебелото црево, започна во понеделник и ќе заврши во вторник попладне по средноевропско време.

Луѓето се собраа пред стадионот во Сантос, каде Пеле го помина поголемиот дел од својот живот, и чекаа до два часа за да му оддадат почит, дури и преку ноќ, наведува фудбалскиот клуб Сантос.

„Да живее кралот“, пишуваше на џиновски транспарент на стадионот. Пеле, кој беше наречен „Крал на фудбалот“, играше за Сантос од 1956 до 1974 година, постигнувајќи повеќе од 1.000 голови.

Видете и ова: Навивачите му оддаваат почит на Пеле на стадионот во Бразил

Новоименуваниот претседател Лула денеска наутро пристигна со хеликоптер и застана до ковчегот на Пеле обвиен со бразилско знаме, во центарот на фудбалскиот терен.

„Малкумина Бразилци го шират името на нашата земја како тој“, рече Лула минатата недела по смртта на Пеле.

Почит оддадоа и други познати личности. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој беше меѓу првите кои пристигнаа на комеморацијата во понеделникот, рече дека ќе побара од фудбалските асоцијации ширум светот да ги именуваат стадионите по Пеле.

Поворката со ковчегот на Пеле подоцна денеска треба да помине низ улиците на Сантос, покрај населбата каде што живее неговата 100-годишна мајка и да пристигне на гробиштата на Вселенската меморијална некропола, каде што ќе биде погребан на приватна церемонија.

Видете и ова: Почина легендарниот бразилски фудбалер Пеле

Пеле е роден во 1940 година во гратчето Трес Коракоес, но во 1956 година се пресели во Сантос и таму го помина најголемиот дел од животот.

Телото на Пеле пристигна на 2 јануари среде огномет во Сантос, град со околу 430.000 жители.

Градската прес-служба соопшти дека околу 5.000 новинари од целиот свет биле акредитирани да известуваат за овој настан.

Пеле е единствениот фудбалер кој освоил три светски шампионски титули.