Пекинг најавува контрамерки поради тестовите за Ковид за патниците од Кина

Луѓе чекаат ред да купат тестови за Ковид-19, во аптека во Хангжу.

Пекинг денеска го осуди воведувањето на задолжително тестирање за Ковид во десетина земји за патниците од Кина и предупреди дека може да воведе „контра мерки“.

„Некои земји воведоа ограничувања за влез насочени само кон кинеските патници. Ова нема научна основа и некои практики се неприфатливи“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

„Силно се спротивставуваме на обидите за манипулирање со мерките за Ковид за политички цели и ќе преземеме реципрочни контра мерки“, додаде таа.

Австралија и Канада оваа недела се приклучија на растечката листа на земји кои бараат од патниците од Кина да се тестираат за Ковид-19 пред да се качат на лет, додека земјата се бори со епидемијата на коронавирус по наглото олеснување на ограничувањата што беа на сила за време на поголемиот дел од пандемијата.

Видете и ова: ЕУ ќе разговара за координиран одговор на ширењето на Ковид 19 во Кина

Други земји, вклучително САД, Велика Британија, Индија, Јапонија и неколку европски нации, најавија построги мерки за Ковид-19 за кинеските патници загрижени од недостатокот на податоци за инфекции во Кина и стравувањата од можноста за ширење на нови варијанти.

Мароко категорично им забрани влез на сите патници од Кина, без разлика на националноста.

Кина, која ги држеше своите граници во голема мера затворени за странски државјани во поголемиот дел од пандемијата од 2020 година, усвојувајќи стратегија „нулта Ковид“ за задржување на вирусот, нагло ги олесни тие мерки во декември.

Кинеските власти претходно објавија дека од 8 јануари патниците од странство повеќе нема да треба да бидат ставени во карантин по пристигнувањето во Кина, но тестот за корона вирусот не постар од 48 часа пред пристигнувањето на кинеска територија ќе остане во сила.

Одлуката се совпаѓа со очекуваното повторно да им се дозволи на Кинезите да патуваат во странство по три години.