Украинската полиција објави дека открила 25 кампови за мачење околу источниот град Харкив по ослободувањето на областа од руската окупација. Руските војници приведувале и мачеле цивили во кампови во нехумани услови, напиша на 2 јануари на Фејсбук началникот на регионалната полиција Володимир Тимошко, пренесува германската агенција ДПА. Некои затвореници биле изложени на струен удар, а на некои им биле скршени прстите, рече Тимошко. Областа околу Харкив со месеци беше под окупација на руските сили. Тие се повлекоа дури на почетокот на септември, по украинската контраофанзива.
Продолжуваат руските напади со дронови во Киев и истокот на Украина
Од септември досега во ослободеното подрачје се откриени 920 тела на цивили, меѓу кои и 25 деца, додаде Тимошко. Тие беа убиени од руски војници, посочи тој. Според украинските власти, руските војници извршиле воени злосторства и на други окупирани територии. Телата на повеќе од 400 луѓе беа откриени во киевското предградие Бучи по повлекувањето на руските сили. Повеќето од нив умреле од насилна смрт, а истрагата продолжува.