Радев ќе и даде на партијата „Продолжуваме со промените“ мандат за формирање нова бугарска влада

Претседателот на Бугарија Румен Радев

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска ќе го врачи вториот мандат за формирање влада во рамките на 48. Народно собрание. Мандатот ќе го добие втората по големина пратеничка група - „Продолжуваме со промените“. „Продолжуваме со промените“ на поранешниот премиер Кирил Петков беше на власт во Бугарија од декември лани до август годинава. Првиот мандат го доби ГЕРБ-СДС, но пратениците не го поддржаа кабинетот на кандидатот за премиер, проф. Николај Габровски, предложен од првата парламентарна сила.

Бугарското собрание го отфрли предлогот за влада на Габровски

ГЕРБ победи на предвремените избори на 2 октомври, четврти во последните 18 месеци, но досега не успеа да обезбеди мнозинска поддршка за технократската влада што ќе ја предводи Габровски. Државата има три обиди да формира влада, доколку и тие не успеат, претседателот Радев треба да закаже предвремени избори во рок од два месеца. Државата со скоро 7 милиони луѓе е во политички ќорсокак од 2020 година, кога ја потресоа големи протести поради незадоволството на јавноста од повеќегодишната корупција.