Шпанија во текот на 2022-ра ја доживеа најжешката година, соопшти националната метеоролошка служба на 2 јануари, во ек на глобално затоплување и климатски промени кои носат до раст на температурите ширум светот.
Земјите се борат со екстремни временски услови, вклучувајќи ги високите температури и сушата во Европа, кои поттикнаа шумски пожари, ги оштетија посевите и доведоа до ограничувања на водата.
Шпанија забележа просечна годишна температура од речиси 15,5 степени Целзиусови, што е највисока од почетокот на евиденцијата во 1916 година, објави националната метеоролошка служба на Твитер.
За прв пат просечната годишна температура надмина 15 Целзиусови степени, се забележува во објавата.
Во Шпанија температурите постојано се зголемуваа, во текот на последователните топлотни бранови од мај до октомври, при што живата се искачи над 40 степени Целзиусови во голем дел од земјата.
Освен март и април, останатите месеци од 2022 година беа „потопли од нормалното, особено јуни, јули и октомври кои беа исклучително топли“, соопшти метеоролошката служба во прелиминарниот извештај во декември.
Шпанија, исто така, забележа една од своите најсушни години во 2022 година, при што само во 2005 и 2017 година имало помалку врнежи, се додава во соопштението.
Барселона и голем дел од шпанскиот североисточен регион Каталонија воведоа ограничувања на водата поради недостигот на дожд.
Високите температури летово предизвикаа смрт на 4.744 луѓе во Шпанија, според проценката на Институтот за јавно здравје врз основа на бројот на смртни случаи регистрирани во тој период.
Топлината може да убие предизвикувајќи топлотен удар, кој ги оштетува мозокот, бубрезите и другите органи, но може да предизвика и други состојби како срцев удар или проблеми со дишењето.