Руската војска, во ретко признание за бојното поле, соопшти дека 63 нејзини војници биле убиени во украински ракетен напад врз привремените касарни во близина на градот Доњецк, окупиран од Русија, откако украинската армија и бројни објави на проруските социјални медиуми сугерираа за стотици убиени.
Руското Министерство за одбрана на 2 јануари соопшти дека „како резултат на напад на точка за привремено распоредување, со четири проектили со боева глава со силна експлозивна моќ, загинаа 63 руски војници“.
„Сета потребна помош и поддршка ќе им биде дадена на роднините и најблиските на загинатите војници“, соопшти Министерството.
Русија ретко признава дека има жртви за време на нејзината сеопфатна инвазија на Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.
Неколку часа претходно, украинската војска, без да го признае самиот напад, сугерираше дека стотици неодамна мобилизирани руски војници загинале на Нова година во импровизирана касарна во предградие на окупираниот град Доњецк во источна Украина.
Доколку се потврди таков размер на жртви, тоа би можело да претставува еден од најсмртоносните поединечни инциденти за руската страна од почетокот на инвазијата.
РСЕ не може да ги потврди извештаите на бојното поле во областите на најтешки борби.
Но, онлајн изразите на шок и гнев кај Русите од инцидентот и очигледниот неуспех на руската војска да го чува окупираното стручно училиште каде што биле собрани наводните регрути, сугерираше дека дури и вообичаените про-Кремљ групи на Телеграм признаваат неуспех.
Некои од руските групи сугерираа дека гранатирањето е резултат на напад на Украина со ракета со висока прецизност - ХИМАРС.
Одделот за стратешки комуникации на украинската војска вчера преку Телеграм соопшти дека нападот на „Дедо Мраз“ резултирал со „околу 400 трупови“ во окупираното стручно училиште во градот Макијивка.
Се наведува дека имало и 300 ранети непријателски војници во Макијивка, како и дека експлозијата била резултат на „невнимателно ракување со уредите за греење, занемарување на мерки за безбедност, пушење на необележано место.“
Украинската страна рутински користи ваков јазик по големите настани за да ја сугерира одговорноста на своите бранители без какви било директни тврдења.
Рускиот канал на Телеграм „З“ соопшти дека „нападот бил извршен точно во 00:01 часот“ на 1 јануари и изрази надеж дека руските воени команданти кои решиле да го користат предметниот објект за собирање војници „ќе бидат казнети“.
Рускиот провоен канал Царград наведе „стотици“ мртви, а неофицијалниот канал „Оперативни извештаи“ соопшти дека загинале 500 војници. Други канали пак соопштија дека жртвите што ги претрпе руската страна се „значителни“.