Брза лента на македонските аеродроми за успешни луѓе од дијаспората

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја претставува МКарта

Истакнати личности од земјата кои живеат во странство, добиваат можноста за користење „брзa лента“ на аеродромите во Скопје и Охрид кога влегуваат во земјава, како носители на т.н. МКарта.

Во моментов неа ја имаат 69 наши државјани од дијаспората, меѓу кои научници, лекари, бизнисмени, културни работници, информираат од Министерството за надворешни работи -МНР, откако министерот Бујар Османи и официјално го промовираше функционирањето на МКарта.

Тој нагласи дека проектот претставува мрежа на квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и ангажман се истакнуваат во новата средина во која живеат, што ги чини вистински амбасадори на Македонија.

Видете и ова: Објавен повик за субвенции на нови авиолинии

„Забрзаниот премин на нашите аеродроми, што се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, претставува симболично препознавање на нивниот труд и квалитет и благодарност на нашите институции и држава“, истакна Османи.

Од МНР посочуваат дека уште при претставувањето на проектот МКарта, преклани во мај, било најавено дека во соработка со другите институции, ќе се работи и на дефинирање на симболични поволности, како што е слободен влез на културни настани, музеи и галерии, заедно со брзата лента на аеродромите.

Дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство се задолжени да ги детектираат таквите поединци, а постои и посебна процедура за избор на носителите на МКарта.