Столтенберг смета дека НАТО мора да го зголеми производството на оружје

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

НАТО мора да го зголеми производството на оружје бидејќи војната во Украина продолжува и потребите на Киев растат, рече генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во интервју за ББЦ објавено на 1 јануари.

Западните земји мора да бидат подготвени да обезбедат долгорочна поддршка на Украина, бидејќи Русија не покажува знаци на попуштање, истакна секретарот на НАТО.

Јенс Столтенберг смета дека воената поддршка ќе обезбеди опстанок на Украина како суверена земја и ќе ја принуди Русија да преговара за крај на војната.

„Мораме да го зголемиме производството и токму тоа го прават сојузниците“, изјави лидерот на воената алијанса од 30 нации.

Видете и ова: Продолжуваат руските напади со дронови во Киев и истокот на Украина

НАТО, исто така, мора да биде подготвен да ја поддржи Украина на долг рок, смета Столтенберг.

„Она што го видовме е дека Русија не покажува знаци на повлекување и нејзината главна цел е да ја преземе контролата врз Украина. Украинските сили имаа замав веќе неколку месеци, но ние исто така знаеме дека Русија мобилизира многу повеќе сили, многу од нив сега се обучуваат“, истакна тој.

Според Столтенберг, сето тоа укажува дека Русија е подготвена да ја продолжи војната и потенцијално да се обиде со нова офанзива.

„Веројатно и оваа војна ќе заврши на преговарачката маса, но одлучувачки фактор за исходот од таквите разговори беше силата на Украина на бојното поле“, рече тој.

Видете и ова: 2022: Светот на раб на нова светска војна


Тој нагласи дека на раководството во Киев е да одлучи под кои услови ќе седнат на преговарачка маса.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин одржа новогодишен говор во кој се обиде да добие поддршка на руските војници кои се борат во Украина, велејќи дека иднината на земјата е загрозена. Украинскиот претседател Володимир Зеленски пак го обвини Путин дека се крие зад неговите војници, наместо да ги води.

Руската воена инвазија врз Украина почна на 24 февруари минатата година, а резултираше со голем број убиени и ранети, како и милиони расселени лица низ Украина и надвор од нејзините граници.