Продолжуваат руските напади со дронови во Киев и истокот на Украина

Војник собира делови од проектил по руски напад пред станбена зграда во Киев, на 31 декември 2022 година

Украинската војска рано на 2 јануари соопшти дека руските сили извршиле 44 напади со беспилотни летала врз украински цели, но дека сите биле успешно соборени, додека властите во Киев информираа за соборување на 20 цели над главниот град во текот на ноќта.

Киевските власти соопштија дека за време на нападите бил повреден 19-годишен маж.

Деталите се уште доаѓаат за нападите во Киев и за други бомбардирања, вклучително и во југоисточниот град Херсон, каде што украинските власти тврдеа дека руските сили очигледно целеле на детска болница.

РСЕ не може независно да ги потврди тврдењата на бојното поле.

Видете и ова: Руската војска: Нападите на Украина беа насочени кон фабрики за дронови

Нападот, кој започна непосредно пред полноќ, беше насочен кон критичната инфраструктура, рече регионалниот гувернер на Киев, Олексиј Кулеба.

Украинските вооружени сили соопштија дека 400 руски војници биле убиени на новогодишната ноќ во Макиевка, во областа Доњецк окупирана од Русија. Во редок потег, проруските власти ги признаа своите загуби, но Русија одби да го потврди бројот на загинати.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски посака победа и „враќање во нормала“ на Украина во 2023 година.

Рускиот претседател Владимир Путин, сепак, во своето новогодишно обраќање истакна дека „моралната и историската правда“ е на страната на неговата земја.

Русија со месеци ја гаѓаше енергетската инфраструктура на Украина, уништувајќи електрани и оставајќи милиони Украинци во темнина во текот на зимата.