Левичарската икона Луис Ињасио Лула да Силва денеска и официјално повторно ќе стане претседател на Бразил по инаугурацијата што ја бојкотира шефот на државата во заминување Жаир Болсонаро, а организирана со засилени безбедносни мерки поради заканата од екстремната десница.
Седумдесет и седумгодишниот Лула ќе биде повторно прогласен за претседател на водечката латиноамериканска сила по двата мандати од 2003 до 2010 година и ќе го означи враќањето на левицата во претседателската палата Планалто.
Околу шест часа пред инаугурацијата, стотици поддржувачи, облечени во црвено, бојата на Работничката партија на Лула, излегоа на улиците на главниот град.
За овој ден се очекува да има до 300.000 луѓе, кои ќе ги следат официјалните церемонии, прослави и концерти во главниот град.
Видете и ова: Болсонаро не го признава поразот, но сигнализира дека ќе соработува во предавањето на властаОна што е невидено од 1985 година и крајот на воената власт, е што претседателот во заминување Болсонаро нема да му ја предаде претседателската жолто-зелена лента на својот наследник, како што диктира демократската традиција.
Екстремно десничарскиот претседател, кој е повлечен и молчи по поразот во октомври, го напушти Бразил на 30 декември. Се наоѓа во Флорида со еден од поранешните шампиони во боречки вештини.
И додека неговите најрадикални поддржувачи сакаат да го спречат Лула да дојде на власт и се уште кампуваат пред касарните во различни градови, барајќи воена интервенција, безбедносните мерки се зајакнати. Мобилизирана е целата полиција на областа Бразилија, со околу 8.000 полицајци, како и илјада федерални полицајци.