Севернокорејскиот лидер повика на зголемување на нуклеарниот арсенал

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун присуствува на церемонијата на откривање на нови ракетни фрлачи во Пјонгјанг, Северна Кореја, 1 јануари 2023 година.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика на „експоненцијално“ зголемување на нуклеарниот арсенал на Северна Кореја. Тој рече дека одговара на „загрижувачките воени потези на Соединетите Држави и другите непријателски сили“.

Ким Џонг Ун на состанокот на владејачката Работничка партија изјави дека има потреба од „огромна воена моќ“ за одбрана на националниот интерес од заканите од земји како Јужна Кореја и САД.

Тој рече дека двете земји се обидуваат да ја „изолираат и задушат“ Северна Кореја со американски нуклеарни средства распоредени во Јужна Кореја, ситуација што е „без преседан во човечката историја“.

„Сегашната ситуација бара удвојување на напорите и значително зајакнување на воените капацитети како одговор на вознемирувачките воени потези на САД и другите непријателски сили“, рече тој.

Видете и ова: Северна Кореја лансираше три балистички ракети

Лидерот на Северна Кореја ја опиша Јужна Кореја како „несомнен непријател“, додавајќи дека земјата е склона кон „непромислено и опасно акумулирање оружје“.

„Тоа ја истакнува важноста и неопходноста од масовно производство на тактичко нуклеарно оружје и оваа ситуација бара експоненцијално зголемување на нуклеарниот арсенал на земјата“, додаде Ким Џонг Ун.

Тој повика на развој на нови интерконтинентални балистички ракети и прв воен сателит на Пјонгјанг што е можно поскоро.