Задолжителна примена на системот за управување со предмети во обвинителствата

Зградата на Јавното обвинителство во Скопје

Министерството за правда информира дека од денеска задолжително ќе се применува системот за управување со предмети во јавните обвинителства.

„МП во координација со Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ги презеде сите неопходни активности за обезбедување на целосна и непречена задолжителна примена на системот за управување со предмети во јавните обвинителства почнувајќи од 1 јануари 2023 година“, соопшти Министерството за правда.

Видете и ова: Дали „странско тело“ ќе го оправи македонското судство?

Системот, појаснуваат оттаму, претставува основна алатка во извршувањето на основните задачи на јавните обвинителства со која ќе се обезбеди чување информации, следење и архивирање на предметите како и увид во секој момент во статусот на предметите.

Со него се обезбедува непрекинат проток на податоци, а основна цел е унапредување и автоматизирање на процесите во јавните обвинителства, подобрување на протокот на информации преку дигитализација, архивирање и чување на документацијата обезбедувајќи притоа висок степен на безбедност, контрола на пристапот и автоматизирана комуникација.