Хрватска влезе во Шенген, од денеска се купува со евра

Илустрација од церемонијата на потпишување на договорот за употреба на еврото, Брисел 2022

Хрватска од денеска е членка на Шенген зоната и официјално почнува да го употребува еврото наместо досегашната национална валута - куна.

Со влегувањето на Хрватска во најголемата безгранична област во светот, граничните контроли на сите нејзини граници со земјите од ЕУ се укинуваат, додека границите со Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора стануваат надворешни граници на ЕУ.

За граѓаните од соседните земји кои не се во ЕУ (Србија, Македонија, БиХ, Црна Гора), влезот на Хрватска во Шенген не носи промени во процедурата за преминување на границата, бидејќи Хрватска до сега ги применуваше шенгенските правила.

Видете и ова: Хрватска од 1 јануари членка на Шенген зоната

Но, ќе има промени кога станува збор за нивниот престој во Хрватска, кој од 1 јануари 2023 година не може да биде подолг од 90 дена во кој било период од 180 дена.

Земја која сака да биде дел од Шенген зоната мора да може целосно да го имплементира Шенгенскиот кодекс и целосно да ги контролира копнените, морските и воздушните граници на ЕУ.

Со влезот на Хрватска во еврозоната, хрватската валута куна на полноќ и формално беше заменета со евро. Граѓаните, сепак, ќе можат да плаќаат во куни до 15 јануари. Исто така, во текот на 2023 година граѓаните ќе можат бесплатно да разменуваат банкноти и монети куни по фиксен курс (7,53 куни за еврото), а од 2024 година само во Хрватската народна банка.