Северна Македонијa го презема претседавањето со ОБСЕ

илустрација

Северна Македонија од денеска го презема претседавањето со ОБСЕ. Претседавањето се случува во време кога светот повторно се соочува со руската инвазија во Украина, а токму конфликтот во Украина и намалување на последиците од кризата ќе заземат централно место во агендата на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, најави деновиве шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„Претседавањето на ОБСЕ ќе ја одбележи идната година. Од 1 јануари ние сме претседавач на најголемата регионална безбедносна организација во светот. Единствена безбедносна организација во која се и САД и Русија и која веројатно ќе има нова улога во новата безбедносна архитектура ако се најде решение по однос на агресијата во Украина,“ оцени Османи.

Видете и ова: Османи во Виена ќе ги претстави приоритетите на Северна Македонија за претседавањето со ОБСЕ

Мотото на претседавањето ќе биде „За луѓето се работи“, со цел да покажеме дека во суштината на сите големи меѓународни организации и структури лежи потребата да им се олесни животот на обичните луѓе, најави Османи.

Северна Македонија во 2023 година ќе го преземе и претседавањето со уште две платформи: Јадранската повелба – А5 и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа – (ПСЈИЕ) од јуни.

Ова е прво претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Првата теренска мисија на ОБСЕ во Скопје беше воспоставена 1992 година со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот. Земјата стана членка на организацијата на 12 октомври 1995 година.