Експлозии во Киев, предупредувања за воздушни напади низ Украина

Спасувачите работат во хотелот Алфавито, кој беше тешко оштетен во руски ракетен напад врз Киев на 31 декември, 2022

Хотелот Алфавито во главниот украински град денеска беше тешко оштетен во руски ракетен напад врз Киев.

Новите напади дојдоа само два дена откако Русија го започна она што беше опишано како еден од најголемите воздушни напади врз Украина од почетокот на војната.

Во објава на Телеграм, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека едно лице загинало, а тројца се ранети во нападот, меѓу кои и јапонски новинар.

Пријавени се штети во неколку окрузи, вклучувајќи го и хотелот. Сликите и видеата покажуваат дека фасадата на хотелот Алфавито е јагленосана и уништена.

Руски ракетни напади беа пријавени и на други места, вклучително и во регионот на Миколаев и во регионот Хмелницки на запад.

Во Миколаив, шефот на регионалната воена администрација, Виталиј Ким, во објава на социјалните мрежи рече дека биле пријавени и лансирања на руски ракети.

„Окупаторите решија да се обидат да ни го расипат денот“, рече Ким.

Видете и ова: Нов бран руски напади во Украина, борбите на истокот во „ќорсокак“

Новиот напад доаѓа само еден ден откако Киев беше цел на беспилотни летала лансирани од Русија врз украинскиот главен град и други градови. Според Кличко, Киев бил цел на седум беспилотни летала.

Тој рече дека два дрона биле соборени „на приодот кон главниот град“, додека другите пет биле пресретнати над градот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно видео обраќање рече дека Русија не се откажува од плановите да го освои целиот Донецк, со цел да ја постигне целта до Нова година. Зеленски, исто така, ги предупреди Украинците дека може да има нов широк воздушен напад.