СЗО: Состојбата со ковид 19 делумно стабилна

илустрација

Претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Ане Јохансен вели дека и покрај тоа што се чини дека во 2022 година состојбата со короната се стабилизираше, сепак секоја недела во светот се пријавуваа неприфатлив број на заразени и смртни случаи. Таа истакнува дека клучни изолирани групи луѓе и понатаму остануваат без имунитет, а вирусот е во циркулација на нивоа што се доволно високи за заканата од наредната проблематична варијанта да е постојано присутна.

„Поразителен е фактот што над 2,1 милион лица, за жал, починаа од ковид 19. Во седмицата непосредно пред 11 декември, европскиот регион беше одговорен за 29 проценти од новите случаи на глобално ниво и за 26 отсто од новите смртни случаи, повторно на глобално ниво,“ вели Јохансен во изјава за МИА.

Зголемениот број на случаи и хоспитализации, според д-р Јохансен, веројатно се должи на комбинацијата од повеќе фактори, вклучително и постуденото време и сезонските групни прослави што се типични за крајот на годината.

Во последниот месец од 2022 година, исто така се забележа зголемување на бројот на случаи на сезонски грип, што доведе до зголемен број на позитивни случаи меѓу пациентите хоспитализирани со сериозни акутни респираторни инфекции.

Видете и ова: СЗО побара од Кина прецизни податоци за заразените од ковид

За очекувањата во новата 2023 година, вели дека не може со сигурност да се каже што ќе се случи во иднина.

„Омикрон, што ги вклучува соевите BA. 1, BA. 2, BA. 3, BA. 4, BA. 5 и резултирачките подсоеви, продолжува да биде доминантната варијанта на глобално ниво. Се очекува и натамошна еволуција на вирусот со нови варијанти, вклучително и варијанти што би биле проблематични“, смета д-р Јохансен и додава дека траекторијата на оваа еволуција останува непозната, а карактеристиките на идните варијанти сè уште не може да се предвидат.

Претставничката на СЗО во Скопје апелира до државите повторно да започнат со напорите за ублажување на состојбата и да бидат подготвени да одговорат на зголеменото оптоварување на нивните здравствени системи.

Заклучно со 25 декември 2022 година, во Северна Македонија вакцинирани се вкупно 875 972 лица со барем една доза на вакцина против ковид 19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 857 053 лица.