Светската здравствена организација (СЗО) бара од Кина да обезбеди точни и реални податоци во вистинска временска рамка за епидемиолошката состојба во земјата, со оглед на наглото зголемување на бројот на заразени со корона вирусот и оние кои страдаат од ковид 19, пишува Би-Би-Си.
Претставниците на СЗО се сретнаа со претставници на кинеската Национална здравствена комисија и Националната администрација за контрола и превенција на болести, од кои побараа „дополнителни информации за ситуацијата и понудија експертиза со дополнителна поддршка“.
Многу од строгите ограничувања во Кина беа укинати во последниве недели, но бројот на случаи скокна и неколку земји сега ги проверуваат патниците од Кина. Патниците кои пристигнуваат во Англија од Кина ќе треба да имаат негативен тест пред да се качат на летот.
Видете и ова: Светот ги ограничува посетителите од КинаСоединетите Држави, Шпанија, Франција, Јужна Кореја, Индија, Италија, Јапонија и Тајван воведоа тестови за ковид за патници од Кина, бидејќи стравуваат од повторно оживување на вирусот.
„СЗО повторно побара редовно споделување на конкретни податоци во реално време за епидемиолошката ситуација и податоци за добиените вакцини и статусот на вакцинација, особено меѓу ранливите луѓе и оние над 60 години“ се наведува во соопштението на СЗО објавено по разговорите со кинеските власти.
Агенцијата соопшти дека е подготвена да обезбеди поддршка во овие области, како и да помогне во решавањето на колебливоста со вакцините.
Техничката советодавна група на СЗО за еволуцијата на ковид 19 треба да одржи состанок во вторник. Агенцијата вели дека ги поканила кинеските научници да презентираат детални податоци за секвенционирање на вирусот. Се наведува дека е „разбирливо“ што некои земји воведуваат нови ограничувања за луѓето кои патуваат од Кина.