Резников: Русија подготвува нова мобилизација на војници

илустрација

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников тврди дека Русија, наскоро ќе објави натамошна мобилизација и ги повика Русите да ја избегнуваат.

„Избегнувајте мобилизација на кој било начин. Кога водачите не можат да испратат нови регрути, тие ќе бидат принудени да го признаат поразот. И војната ќе заврши. Тоа сепак ќе се случи и прашањето е во цената. И дали оваа цена ќе биде платена со вашата крв“, рече Резников во видео пораката објавена доцна на 30 декември.

Според Резников, Русија се подготвувала да ги затвори своите граници за мажи на возраст за регрутирање.

„Сакам да апелирам до руските регрути. Пред сè, ова се однесува на жителите на големите градови. Јас точно знам дека имате уште околу една недела да направите барем еден избор. На почетокот на јануари, руските власти ќе ги затворат границите за мажите, а потоа тие ќе прогласат воена состојба“, рече Резников, додавајќи дека Белорусија би можела да преземе слична акција.

„Не барам од вас да ме држите за збор, сакам да си поставите само едно прашање и да одговорите искрено: кога ќе одите во војна, каде што можете да умрете или да станете осакатени за цел живот, за што точно ќе се борите за, вие лично?" праша шефот на украинската одбрана.

Видете и ова: „Умираме како муви“: руско село во недостиг од мажи поради војната во Украина

Русија ја нападна Украина пред 10 месеци. Во војната досега загинаа десетици илјади луѓе, а милиони се раселени.

Откако Кремљ јавно негираше дека е планирана таква акција, рускиот претседател Владимир Путин на 21 септември нареди „делумна мобилизација“. Во тоа време, министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека војската ќе се обиде да повика околу 300.000 мажи. Објавата предизвика масовен егзодус од Русија. Стотици илјади Руси ја напуштија земјата, а многумина ги преминаа границите во Грузија, Казахстан и Киргистан.

Видеоапелот на Резников следува откако украинскиот министер за одбрана изјави за весникот Гардијан дека обуката на десетици илјади мобилизирани и нови регрути во Русија може да укаже на намерите на Кремљ да започне нова офанзива во Украина.