Стабилни цени на лебот и брашното најавуваат мелничарите

илустрација

Граѓаните во 2023 година може да очекуваат стабилни цени на брашното и лебот, уверуваат мелничарите. Очекувањата се темелат на стабилизирањето на цените на берзата, но и на владината одлука со која на компаниите им се овозможи да плаќаат струја по 80 евра за мегават час.

„Обезбедувањето струја по 80 евра за мегават час е правилна одлука што минусира еден негативен фактор поради кој се зголемуваат цените. Владата фактички спречи дополнителни зголемувања на малопродажните цени и ги намали за соодветниот трошок на електричната енергија“, истакнува претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ, за МИА.

Тој додава дека мелничката и пекарската индустрија се борат со сите можни зголемени трошоци за производство, преку менаџирање на сопствените залихи на некој основен минимум, во очекување на намалени цени на пченицата што како услов би создало услови за дополнителна стабилизација на цените и нивно намалување.

Видете и ова: До каде ќе оди поскапувањето на лебот

Според него, во изминативе денови, цените на берзите и се намалуваат и се зголемуваат, но генерално, се движат во истите рамки.

„Тоа ни дава за право да сметаме тна стабилен период до следната жетва, и поради тој факт, стабилен период на цение на суровините, со што последнично нема да предизвика зголемување на малопродажните цени. Како што и се гледа во малопродажните објекти, цените на брашното и основниот леб се намалени од 5 до 10 отсто, во зависност од компанијата производител“, нагласува претседателот на Групацијата.

Во нормални прилики, додава, се очекува по март цените на пченицата да одат во надолна линија со што се создаваат услови и за нормализирање на цените.