Отворени граничните премини на северот на Косово

Косово - Граничниот премин Јариње на 30 декември, 2022

Косовската полиција соопшти дека на 30 декември се отворени граничните премини Јариње и Брњак.

Овие два премини со Србија на северот на Косово се затворени од 10 декември поради влошување на безбедносната состојба откако припадници на српската заедница подигнаа барикади.

Полицијата наведува дека по речиси три недели првите автомобили поминале на овие премини од територијата на Косово кон Србија и обратно.

Се додава дека полициските службеници на северот на Косово, како и на премините ќе продолжат „да ги извршуваат своите должности и законски овластувања во интерес на уставниот поредок“.

Барикадите на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, беа отстранети на 29 декември откако српскиот претседател Александар Вучиќ тоа го побара од припадниците на српската заедница.

Граничен премин Јариње, 30 декември


Тие првично беа подигнати поради апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ, кој во меѓувреме е пуштен во домашен притвор.

Тоа беше едно од барањата за отстранување на барикадите, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека добил гаранции од САД и ЕУ дека ќе се исполнат и другите барања на Србите.

Станува збор за барања лицата кои биле на барикадите да не се гонат, а КФОР (мисијата на НАТО на Косово) да гарантира дека нема да дозволат на косовските специјални единици да одат на север.