Узбекистан ја суспендираше продажбата на сите производи на индискиот производител на фармацевтски производи Марион Биотек, по обвинувањата дека сируп, направен од овој производител, е виновен за смртта на најмалку 19 деца во оваа централноазиска земја.
Министерството за здравство на Узбекистан на 30 декември соопшти дека децата починале откако конзумирале сируп „Док-1 Макс“ на Марион Биотек, кој, според Министерството, содржел токсична супстанција етилен гликол.
Министерството им нареди на сите аптеки во земјата да ги повлечат од полиците сирупот и другите лекови произведени од индиската компанија.
Истраги за аферата со сирупот се покренати и во Узбекистан и во Индија.
Индискиот регулатор за лекови го суспендираше производството на сите лекови од Марион Биотек по инспекцијата на објектот на компанијата во северозападниот град Ноида, соопштија властите.
„Сите производствени активности на Марион Биотек во единицата Ноида се прекинати синоќа, додека натамошната истрага е во тек“, објави индискиот министер за здравство Мансук Мандавија на Твитер на 30 декември.
Шефот на правната служба на Марион Биотек, Хасан Харис за Ројтерс изјави дека ги чека наодите од инспекторите.
„Ги чекаме извештаите, фабриката беше прегледана. Го запревме производството на сите лекови“, рече Харис.
Во октомври, сирупите за кашлица и настинка направени од индиската фирма „Мајден Фармацеутикалс“ беа обвинети за смртта на речиси 70 деца во западноафриканската земја Гамбија.
Лабораториската анализа на Светската здравствена организација (СЗО) покажа дека сирупите содржат „неприфатливи количини на диетилен гликол и етилен гликол“, хемикалии кои често се наменети за индустриска употреба.
Но, „Мајден Фармацеутикалс“ негираше каква било грешка, а индискиот регулатор за лекови ги оспори наодите на СЗО.
Индија извезува лекови во повеќе од 200 земји. Нејзината фармацевтска индустрија моментално се проценува на 50 милијарди долари и се очекува да достигне 120 милијарди долари до 2030 година.