Вучиќ – Меѓународни претставници ќе дојдат во јануари поради договор со Косово

Србија -- Мирослав Лајчак, пратеник за дијалогот меѓу Косово и Србија, и српскиот претседател Александар Вучиќ, во Белград, 14 декември 2022 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува во првата половина од јануари во Белград на дојдат меѓународни претставници кои ќе инсистираат на потребата Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите.

„Очекувам да ми дојдат великани од светот и да ми кажат дека мора да постигнеме договор. Нè чека тешко време по прашањето на Косово и Метохија, но ќе се бориме“, рече Вучиќ.

Тој денеска рече дека пред да продолжи дијалогот со Приштина, потребно е меѓународната заедница да ги исполни гаранциите врз основа на кои Србите од северно Косово ги повлекоа барикадите кон граничните премини со Србија.

„Ситуацијата е многу поопасна и потешка отколку што мислите“, оцени Вучиќ, откако локалните Срби 20 дена ги блокираа премините на северот на Косово.

Видете и ова: Лајчак – Сега е момент за решение или спорот ќе се одолговлекува со децении


Тој рече дека Србите повеќе нема да трпат терор, но дека се плаши од неодговорноста на одредени претставници на меѓународната заедница и „ароганцијата“ на приштинските власти.