Прво се караше со Грета Тунберг, па го уапсија за трговија со луѓе

Ендрју и Тристан Тејт придружувани од полициски службеници пред седиштето на Дирекцијата за истражување на организиран криминал и тероризам во Букурешт , 29 декември 2022 година.

Романското обвинителство вчера соопшти дека го уапсиле поранешниот кикбоксер Ендрју Тејт, кој е многу активен на социјалните мрежи, под сомнение за трговија за луѓе, силување и формирање организирана криминална група.

Тејт, кому му беше забранет пристапот на многу социјални мрежи поради мизогини коментари и говор на омраза, неговиот брат Тристан, и двајца Романци, ќе бидат задржани 24 часа, се наведува во соопштението на обвинителството за борба против организираниот криминал по рацијата на имотот на Тејт во Букурешт.

Браќата Тејт се под истрага од април.

Тие одбија да дадат коментар, но нивниот адвокат потврди дека се приведени.

„Четворицата осомничени... формирале организирана криминална група со цел да регрутира, сместува и искористува жени, принудувајќи ги да создаваат порнографска содржина наменета за објавување на специјализирани интернет страници за одредена цена“, соопшти обвинителството.

Видете и ова: Фејсбук криел студија дека Инстаграм влијае на самоубиствени мисли кај младите


„Тие би добиле значителни суми пари“, се наведува во соопштението.

Обвинителите соопштија дека пронашле шест жени кои биле сексуално искористени од осомничените.

Тејт има кажано дека жените се делумно одговорни за силувањата и дека тие им припаѓаат на мажите.

Претходно оваа недела, Тејт влезе во кавга на Твитер со активистката за климатски промени Грета Тунберг. Тој ѝ рече дека има 33 автомобили со голема емисија на гасови, а таа му возврати да си најде живот.