Путин го очекува кинескиот претседател во посета напролет

Архивска фотографија од кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека очекува кинескиот претседател Си Џинпинг да ја посети Русија напролет, што би било јавна демонстрација на солидарност од Пекинг во услови на руска воена кампања во Украина.

Во воведниот говор од видео-конференцијата меѓу двајцата лидери емитувана на државната телевизија, Путин рече:

„Ве очекуваме, драг претседателе, драг пријателе, ве очекуваме следната пролет во државна посета на Москва“.

Тој рече дека посетата „ќе му ја покаже на светот блискоста на руско-кинеските односи“.

Путин рече дека односите меѓу Русија и Кина стануваат сè поважни како стабилизирачки фактор и дека има за цел да ја продлабочи воената соработка меѓу двете земји.

Видете и ова: Утре разговори меѓу претседателите на Русија и на Кина Путин и Си


Кинескиот претседател рече дека Кина е подготвена да ја зголеми стратешката соработка со Русија во позадината на, како што рече, „тешката“ ситуација во светот воопшто.

Односот меѓу Русија и Кина, кој двете страни го поздравија како партнерство „без граници“, доби големо значење откако Москва ги испрати своите вооружени сили во Украина на 24 февруари.

Иако западните земји воведоа санкции без преседан кон Русија, Кина се воздржува од осуда на воената кампања на Москва, наместо тоа, ја нагласува потребата од мир.

Рускиот извоз на енергенси во Кина значително се зголеми по избувнувањето на конфликтот, а Русија сега е единствениот најголем снабдувач на нафта во Кина.

Сепак, Пекинг досега беше внимателен да не обезбеди директна материјална поддршка што може да предизвика западни санкции против Кина.